Росоклија тврди дека се е легално – новинарката Точи истражувала, но имала притисоци за „извозот“ на мозоци

Македонија е вклучена во документите на Епстин поради линкот што го отворил Џефри Епстин за донирање во научни истражувања во државата. Станува збор за грант за истражувачка дејност од 1996 година меѓу Универзитетот Колумбија и македонските медицински експерти, вклучувајќи ги институтите за судска медицина, патологија и Психијатриската клиника.

Вака професорот Горазд Росоклија, кој долго време работи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, писмено појасни за Телма. Според него, овој грант, како и останатите шест или седум со Македонија, ги поседуваат сите етички согласности од Медицинскиот факултет, МАНУ и Универзитетот Колумбија.

Тој нагласи дека за секое користено ткиво постои писмена согласност од семејствата за интервју и за користење на материјалот.

Според Росоклија, писмото до Епстин било испратено со цел да му се прикаже научното работење на одделот и да се побараат средства за финансирање на науката.

Тој смета дека проектот им ги отворил вратите на научниот свет на вработените, што за македонски услови било огромен чекор. За оваа соработка бил објавен и научен труд во списанието на МАНУ, каде проектот е објаснет во детали.

Од друга страна пак, новинарката Менче Точи во Топ Тема на Телма раскажа дека уште додека работела во А1 телевизија дошла до сознанија дека од Македонија се носат мозоци на испитување на Колумбија.

Таа истражувала во Психијатриската болница во Скопје каде имало пациенти заборавени од семејствата со децении.

Точи истакна дека вработените во Царината не биле запознаени со вакви пратки, па се прашувала како тие мозоци излегувале од државата и дали семејствата знаеле за тоа. Таа тврди дека се сретнала со професорот Росоклија во Скопје, а таму тој ја убедувал да не објавува ништо и да се откаже од проектот бидејќи се било во ред.

Новинарката додаде дека во Судска медицина и рекле дека треба да се среќни што Македонија го зела проектот наместо Бугарија. Иако не успеала да ги исконтактира семејствата, на Точи и било кажано дека материјали се чуваат во сефот на Психијатриската болница, но не знае дали тие се уште постојат.

Таа ја одбила поканата од професорот да престојува на Колумбија и понатаму не може да си одговори зошто постоел толкав отпор приказната да не се објави ако се било регуларно.