Рускоска ги брани колегите: „Повеќе од 70% од обвинителите не се подмитливи“

Дали ниските примања на обвинителите и судиите ги прават „лесен плен“ за корупција? На оваа тема во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ говореше поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која застана во одбрана на мнозинството во правосудниот систем.

На директното прашање дали платите се главниот виновник за подмитливоста, Рускоска децидно одговори дека сликата во јавноста за целосна корумпираност е погрешна.

Таа се повика на анализи кои покажуваат дека најголемиот дел од кадарот во судството и обвинителството работи според законот.

„Би сакала да потенцирам дека повеќе од 70% од обвинителите и судиите не примаат мито и не се подмитливи. Иако платите во нашиот сектор се најниски во регионот, тие во моментов се сепак солидни“, истакна Рускоска.

Рускоска се присети на времето кога примањата во правосудството беа далеку пониски од денешните, но нагласи дека тоа не влијаело на моралниот компас на нејзините колеги. Како пример за чесноста, таа го посочи возниот парк на вработените во судската палата.

„Навремето платите беа навистина спорно ниски, но тоа не значеше дека обвинителите и судиите земаа мито. Доволно беше во тоа време да го погледнете паркингот зад судот. По автомобилите што ги возевме јасно се гледаше каков е нашиот реален стандард“, објасни таа во „Ноќно студио“.