Рускоска открива: Ми нудеа пари за да пуштам притвореник, згрешив што не ги наместив па заедно да си прават друштво

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, за првпат сподели шокантни детали за директните обиди да биде потплатена во текот на нејзината долгогодишна кариера.

Рускоска опиша ситуација во која моќни фигури од подземјето се обиделе да стигнат до неа преку нејзиното потесно семејство. Според нејзиното сведоштво, лица блиски до притвореник во еден од нејзините предмети стапиле во контакт со нејзиниот внук и снаа за да пренесат непристојна понуда.

„Дојдоа да пренесат колку пари нудат, само за да го пуштам неговиот брат од притвор. Се изнервирав што еден криминалец мисли дека може да ме купи. Веднаш му се јавив на тогашниот шеф Јован Илиевски и го известив за сè“, открива Рускоска.

Сепак, од денешна перспектива, таа вели дека жали што не одиграла поинаку за да ги приведе тие што нуделе поткуп.

„Ја згрешив работата, требаше да кажам дека прифаќам, па и него да го затворам, да му прави друштво на брат му во притвор“, вели таа во разговорот за 4ТВ.

Ова не бил единствениот пат кога Рускоска се соочила со кеш на маса. Таа се присети на случај на убиство, уште пред формирањето на Обвинителството за организиран криминал, кога судија донел ослободителна пресуда и покрај сите докази.

На Рускоска ѝ било понудено да не вложува жалба на ослободителната пресуда во замена за голема сума пари.

Таа ја одбила понудата и вложила жалба до Апелација. Апелациониот суд ја прифатил жалбата на Рускоска, по што обвинетиот добил долгогодишна затворска казна.