Рускоска призна: Испратив порака до судии дека ќе ги „тресам до гаќи“ за притворот на Јанева

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, обвинителката Вилма Рускоска откри дека точно е оти испратила остра порака до судии во врска со одлуката за притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Рускоска потврди дека пораката била испратена во момент на револт, нагласувајќи дека сметала оти не е праведно обвинител, особено специјален обвинител фатен во криминал, да биде пуштен во поблага мерка како куќен притвор.

„Сметам дека судии, обвинители и полициски службеници, ако се фатат во криминал, треба да бидат построго казнети од останатите граѓани“, изјави Рускоска.

Во пораката, како што потврди, стоело предупредување дека доколку се донесе одлука за ослободување од притвор, ќе биде покрената финансиска истрага за членовите на советот. Таа денеска вели дека не очекувала пораката да биде сфатена толку сериозно.

По целиот случај, сепак била спроведена финансиска истрага, при што, според Рускоска, „сè било во ред“, без утврдени неправилности кај судиите.