Рускоска со емотивна исповед за 4ТВ: Татко ми беше ранет од бугарски куршум, но јас сум за внесување на Бугарите во Уставот

Во последното гостување во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, поранешната обвинителка Вилма Рускоска отвори поглавје од својата семејна историја за да ја објасни својата визија за иднината на Македонија.

Иако нејзиното семејство носи длабоки лузни од минатото, таа порача дека државата не смее да остане заложник на историјата.

Рускоска со гордост се присети на своите родители. За својата мајка вели дека била во бугарски затвор, додека пак нејзиниот татко на само 22 години бил комесар на дивизија и потполковник, борејќи се за слободата на Македонија.

„Татко ми бил ранет со бугарски куршум. Не му го извадија бидејќи беше на ризично место, под левата плешка. Така и го закопавме — со куршумот во него“, откри Рускоска во емотивниот разговор.

И покрај ова лично наследство, Рускоска е децидна дека патот кон Европската Унија нема алтернатива и дека уставните измени се неопходен чекор кој не треба да се драматизира.

„И покрај сè, јас сум за внесување на Бугарите во Уставот. Историјата треба да ја оставиме во минатото, да живееме во сегашноста и да мислиме на иднината. Нашата единствена иднина е Европската Унија“, смета таа.