Рускоска со предлог за реформи: Државниот обвинител да се бира со двотретинско мнозинство за да се тргне партиската дамка

Поранешната обвинителка за организиран криминал, Вилма Рускоска, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати сериозни критики за начинот на кој политичките партии го уриваат угледот на правосудството и понуди конкретни решенија за враќање на довербата кај граѓаните.

Според Рускоска, катастрофално ниската доверба во правосудниот систем не е резултат само на работата на судиите и обвинителите, туку на постојаните напади од политичките центри на моќ.

„Довербата од само 2% се должи, пред сè, на политичките партии. Нема партија во државава која во одреден момент не го нападнала правосудството. Кога константно се напаѓа една област, резултатот е токму тој“, смета Рускоска.

За да се избегне етикетирањето на обвинителите како „партиски кадри“, Рускоска предлага радикална промена во изборот на првиот човек на јавното обвинителство. Таа смета дека Владата треба целосно да се исклучи од овој процес.

Огласот да го распишува Собранието, а кандидатите да се филтрираат преку собраниската Комисија за избори и именувања. Изборот на Државниот јавен обвинител да се врши со две третини од гласовите на пратениците на пленарна седница.

„Апсолутно се противам на сегашниот модел каде Владата предлага. Без разлика колку некој е квалитетен, секогаш ќе му стои петното дека е поддржан и избран од одредена политичка партија“, објаснува таа во „Ноќно студио“.

Рускоска се повикува на препораките од европските експерти кои ја посетија земјава и предлага поголема инволвираност на граѓанскиот сектор при изборот на членови во Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Таа предлага невладините организации кои го следат правосудството да вршат разговори со кандидатите и да даваат свое јавно мислење пред тие да бидат избрани.

Поранешната обвинителка заклучува дека само со длабоки системски промени во начинот на работа и избор на клучните фигури, правосудството може да излезе од маѓепсаниот круг на политички влијанија. Според неа, правосудството не смее да биде арена за меѓупартиски пресметки, туку независен столб на државата кој ќе работи исклучиво според словото на законот.