Рузмаринот е ароматично растение кое го подобрува вкусот на храната во која ќе се употреби.
Освен како зачин за подобрување на вкусот на храната, рузмаринот голема примена има и во народната медицина, бидејќи се има покажано и докажано како тревка која помага во успешно лекување на голем број болести.
Рузмаринот лечи главоболка, отежнато варење на храна, воспаление на бубрези, реуматизам, општа слабост и помага за намалување на непријатната надуеност во цревата.

Треварите и луѓето кои се посветиле на природата, на проучување на нејзините природни богатства, со мешање на одредени видови на тревки, како што во случајов е рузмаринот, и со експериментирање на истите, доаѓале до совршени природни лекови, кои во голема мера го подобрувале здравјето на луѓето кои имале здравствени проблеми.
Така настанале и денешните природни лекови од рузмарин, кои ќе бидат објаснети во продолжение на статијава, кои сигурна сум дека на некои луѓе ќе им го подобрат здравјето, а со тоа и животот.

Лек за главоболка: во 300 мл. зовриена вода ставете 30 до 40 гр. листови од рузмарин. Течноста оставете ја да стои 20 – на минути и потоа процедете ја. Добиениот чај се пие во текот на целиот ден, по неколку мали голтки. Главоболката ќе помине како резултат на нормализирањето на варењето на храната, што е најчеста причина за предизвикување на оваа неподнослива болка.

Лек против реуматизам: во 1 литар зовриена вода ставете 40 гр. листови рузмарин. Деловите кои се заболени од оваа болест, наместете ги да бидат изложени на пареата над садот во кој се наоѓа ароматичната тревка. Телото покријте го со волнена прекривка за да не излегува пареата и местото подобро и побрзо да се испоти.
Постапката со стоење над пареа повторувајте ја сѐ додека не се забележи подобрување.

Вино од рузмарин: 20 до 30 грама листови од рузмарин се потопуваат во 1 литар старо бело вино и се оставаат да стојат во него најмалку 40 часа. Потоа виното се процедува и се става во стаклено шише, кое треба добро да се затвори.

Ова вино од рузмарин треба да го пијат луѓе кои имаат проблеми со бубрезите, како и луѓе кои често се напнати и патат од константна нервоза.
Виното се пие по две помали чаши во текот на денот, 1 на утро и 1 на вечер.
