На почетокот на февруари, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за преоценување на учеството на САД во една од најважните меѓународни организации и рече дека таа е погрешно менаџирана и не ја врши својата работа. Сега републиканците направија нов потег.
Американските сенатори од Републиканската партија поднесоа предлог-закон за целосно повлекување на САД од Обединетите нации, се наведува во документот објавен на веб-страницата на еден од авторите на законот Мајк Ли, пренесува Дневник.хр.
„Претседателот треба целосно да го отповика членството на Соединетите Држави во ОН, како и во сите други организации, комисии, специјални агенции и други тела формално поврзани со ОН“, се наведува во нацртот.
Предлог-закон за повлекување на САД од Обединетите нации
Предлог-законот вклучува откажување на финансирањето на ОН и нивните агенции, забрана за повторно влегување во организацијата без одобрение на Сенатот, како и одбивање на земјата да учествува во мировните мисии на ОН.
„ОН станаа платформа за тираните“
„ОН станаа платформа за тираните да ги напаѓаат Соединетите Држави и нивните сојузници“, изјави Ли за Фокс њуз и повика на прекин на финансирањето на ОН, велејќи дека трошат пари за да ги поткопаат интересите на Вашингтон и да ги зајакнат неговите противници.
Тој, исто така, го доведе во прашање она што ОН го постигнале низ годините, посочувајќи дека и покрај сето внимание и пари, не успеале да спречат војни, кршење на човековите права и пандемии.
На почетокот на февруари, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за преоценување на учеството на САД во една од најважните меѓународни организации и рече дека таа е погрешно менаџирана и не ја врши својата работа.
Тој, исто така, потпиша наредба за целосен прекин на финансирањето на УНРВА, повлекување на САД од организацијата и Советот за човекови права на ОН и започнување забрзана истрага за активностите на УНЕСКО.