САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд, загрижени се за апсењето на високи израелски официјални лица

САД ја осудија одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, соопшти денеска портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

„САД категорично ја отфрлаат одлуката за издавање на налозите за апсење на високи израелски официјални лица. Во голема мерка сме загрижени за брзото делување на обвинителот, како и за сериозните грешки во процесот што доведоа до оваа одлука“, изјави портпаролот, додавајќи дека САД и нивните партнери разгледуваат понатамошни мерки.

МКС денеска издаде налози за апсење и на Нетанјаху, Галант и претставници на Хамас, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на конфликтот во Газа и израелската офанзива во октомври 2023 година.