САД воведоа нови санкции против Иран поради репресијата врз демонстрантите

Соединетите Американски Држави воведоа нов пакет санкции против Иран, со цел, како што соопшти Вашингтон, да се поддржат „храбрите луѓе на Иран“ кои протестираат за своите основни права.

Во соопштението од 15 јануари 2026 година се наведува дека иранскиот режим одговорил на протестите со насилство и сурова репресија врз сопственото население. Како дел од мерките, САД го ставија на црната листа затворот Фардис, институција во која, според американските власти, жени биле изложени на суров, нечовечки и понижувачки третман.

Паралелно, Министерството за финансии на САД воведе санкции против повеќе ирански безбедносни функционери, меѓу кои и Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност. Дополнително, санкционирани се 18 лица и правни субјекти поврзани со т.н. „сенковни банкарски мрежи“ на Иран, кои, според Вашингтон, перат пари од продажба на иранска нафта и петрохемиски производи.

Од американската администрација истакнуваат дека со овие чекори дополнително се спроведува Националниот безбедносен претседателски меморандум-2 од 2025 година. САД порачаа дека ќе продолжат да му го ограничуваат пристапот на иранскиот режим до меѓународните финансиски мрежи и глобалниот банкарски систем, сè додека, како што наведуваат, продолжува угнетувањето на иранскиот народ и финансирањето дестабилизирачки активности ширум светот.