Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски денеска во изјава за новинарите посочи дека заседавал Извршниот Комитет, додека пак седницата на Извршниот Комитет се уште е во тек.
На седниците се разговарало на актуелни теми, политичка состојба со особен осврт кон актуелното прашање врзано со преговарачката рамка, спорот со Бугарија и прифаќањето на шовинистичките позиции и мегаломански барања од Источниот сосед кон Македонија, а содржани во актуелниот протокол и членот 5 од рамката.
„Извршниот Комитет едногласно и во целост ја прифати иницијативата за референдум и народно изјаснување во однос на штетните делови кои опфаќаат целосна асимилација, промена на историјата и бугаризација на Македонија. Воедно во периодот што следи партијата започнува процес на широка консултација со експертската и општествена јавност за природата, карактерот и формулацијата на референдумското изјаснување чија крајна цел е народно спротивставување на процесот на асимилација и идентитетско обезличување“, вели Сајкоски..
Тој вели дека народот ќе се спротивстави на ваквото антимакедонско делување на владата и предавство на националните и државните интереси.
„Извршниот Комитет воедно посочува дека на површина излегоа сите лаги на Владата поврзани со овој процес. Ветија и излажаа дека историските процеси не се дел од овој процес. Ветија и излажаа дека македонскиот јазик е гарантиран, но во исто време кога Бугарија испрати декларација за негирање на македонскиот јазик и кога македонската влада исто така испрати скандалозен текст за македонскиот јазик во Брисел. Ветија и излажаа дека преговорите започнуваат веднаш, а всушност започнаа преговорите само за Албанија, за Македонија не се сеуште почнати преговорите. Воедно нагласуваме дека во овој процес сеуште стои гаранцијата и ветувањето пред граѓаните дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против уставни промени кои би овозможиле спроведување на процесот на бугаризација и идентитетско обезличување“, посочи Сајкоски.
Тој додаде дека Владата со своето неодговорно однесување прави трајна штета врз националните и државни интереси.