Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, остро реагираше по избувнувањето на пожар во речното корито на Крива Река, во близина на селото Дабиље, испраќајќи порака дека нема да преговара со „бандити“ и најавувајќи засилени мерки за справување со загадувањето.
Според извештаите на општинските инспектори, пожарот бил пријавен во петок, 28 февруари, по што на терен излегле инспектори за животна средина заедно со екипи од противпожарната единица и комунални инспектори. На самото место била затекната голема површина на горење, зафатена не само со растителна маса, туку и со отпад од пластика, гума и најлон, што предизвикало густ, црн чад.
На местото на пожарот не биле затекнати лица што би можеле да помогнат во истрагата, а поради зачестените случаи на палење земјоделски стрништа во овој период од годината, Општина Струмица побарала Државниот инспекторат за земјоделие да спроведе вонредни контроли.
Како дел од мерките за спречување на вакви инциденти, Општината најави зголемени инспекциски надзори во попладневните и вечерните часови, а ќе биде активиран и дрон на противпожарната станица за ноќен надзор.
Костадинов порача дека борбата против загадувањето ќе продолжи со засилена контрола и акција, предупредувајќи дека Општина Струмица нема да толерира вакви случаи на уништување на животната средина.