Македонија

Сали: Македонија останува силен поддржувач на Украина на патот кон ЕУ

Сали: Македонија останува силен поддржувач на Украина на патот кон ЕУ

Македонија ќе продолжи да биде сигурен партнер на Украина и да ја поддржува во нејзините напори за мир, безбедност и приближување кон Европската Унија, порача првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.

Сали учествуваше на пленарната сесија на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“, кој се одржа по повод Денот на државноста на Украина, каде ја потврди поддршката на земјава за украинскиот суверенитет, независност и територијален интегритет согласно меѓународното право.

Во своето обраќање, министерот истакна дека Македонија од почетокот на руската агресија обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка помош за Украина и ќе продолжи со таквата поддршка во координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.

Сали оцени дека соработката меѓу Украина и државите од Југоисточна Европа е значајна за зајакнување на регионалната стабилност, обновата на Украина и создавање побезбедна и пообединета Европа.

Говорејќи за европскиот пат на Украина, министерот посочи дека Македонија, како земја кандидат со долгогодишно искуство во пристапниот процес, е подготвена да ги сподели своите знаења, експертиза и институционални капацитети со украинските партнери.

Тој нагласи дека Меморандумот за соработка меѓу институциите на двете земји претставува важна основа за продлабочување на партнерството и развој на конкретни активности поврзани со европската интеграција на Украина.

„Македонија ќе остане сигурен партнер и силен поддржувач на Украина во нејзините напори за мир, безбедност и членство во Европската Унија“, порача Сали.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни