Од СДСМ денеска велат пратениците да го поддржат ребалансот на Буџетот.
Од таму велат дека овој ребаланс е исклучително важен со оглед на тоа што со него за време на најголема светска економска и енергетска криза се прават сериозни кратења во делот на расходите, а средствата се пренаменуваат за мерки и помош на граѓаните и компаниите.
„Заштедата од 200 милиони евра ќе се искористи за засилена заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за повеќе средства кон земјоделците со цел зголемено производство на храна. Преку брзи и ефикасни мерки се справуваме со последиците од светската економска криза, покажавме дека и во време на најголемата криза платите и пензиите можат да растат, трошоците да се намалуваат, а стандардот на граѓаните да биде заштитен“, велат од СДСМ.
Тие бараат сите пратеници од сите пратенички групи да се вклучат конструктивно во носење на овој ребаланс затоа што е особено важно помошта кај граѓаните да биде постојана и навремена.
„Наместо со блокади и кочења, опозицијата да придонесе со аргументирана дебата и конструктивност во носењето на ребалансот. СДСМ останува посветена на реализација на мерки и политики кои се во интерес на граѓаните и државата“, додаваат од СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека Македонија е на економското дно во регионот, а после ребалансот кризата уште ќе се влошува.
„Владата на СДСМ и ДУИ е виновна поради економската катастрофа која ни се случува. Македонија има најмал раст на БДП во регионот, Македонија има најмалку странски инвестиции во регионот, Македонија со двоцифрена инфлација има една од најголемите стапки во Европа и регионот, Македонија е една од најкорумпираните и најсиромашните држави во Европа. Ете ова е резултатот од политиките на оваа власт. И сега со ребалансот на буџетот потврдуваат дека немаат никаква визија како да се справат со кризите кои самите ги разгоруваат. Со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, кои во секоја нормална економија се двигател на развојот. Со ребалансот се предвидува намален раст на БДП за оваа година за 1,4% што значи дека за истиот процент ќе порасне и долгот на државата. Долгот веќе е 7 милијарди евра со тенденција до крајот на годината да стигне 8 милијарди евра“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека наместо да се засрамат, од СДСМ се гордеат што во буџетот за 2022 година имаат стотици милиони евра непродуктивни трошоци.
„Овие стотици милиони евра доколку беа наменети за стопанството и граѓаните од почетокот на годината немаше да има 4000 затворени компании за три месеци, немаше да има над 35% граѓани во ризик од сиромаштија, немаше да има половина милион лица кои живеат само со 150 денари дневно, немаше да има вртоглава инфлација на основните животни потреби од 30 до 100%, немаше да има страв и неизвесност. Оваа Влада и пред, а особено после ребалансот нема капацитет да се справи со кризите. Напротив уште повеќе кризите се продлабочуваат“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.