СДСМ излезе со остри критики на сметка на министерката за култура Зоран Љутков и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски поради нивното патување во Јапонија. Според СДСМ, ова патување се претворило во „луксузна дипломатска екскурзија“, во време кога вработените во институциите од областа на културата сè уште чекаат плата.
„Додека институциите едвај преживуваат, Љутков со цела партиска свита заминал на меѓународниот настан ЕКСПО во Осака, наводно за да даде поддршка на ансамблот Танец“, наведуваат од СДСМ, прашувајќи колку лица брои делегацијата и колку државни пари биле потрошени за билети, сместување, дневници и „протоколарни вечери“.
Посебен акцент беше ставен на организираната изложба посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге – творецот на обновеното Скопје по земјотресот од 1963 година. „Кој има образ сега да го слави Танге, кога неговото дело беше уништено со стиропорот на проектот ‘Скопје 2014’?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата обвини дека вистинската цел на посетата не е културна размена, туку „туристички луксуз и селфи дипломатија“, повикувајќи на транспарентност околу трошоците и ефектите од посетата.