Се анализираат уште 7 од вкупно 25 претставки за спорните интервенции на срце

Повеќе од два месеци по отворањето на истрагата, сè уште нема епилог за наводите за непотребно извршени интервенции на срце во приватни здравствени установи.

Интерната комисија при Министерството за здравство сè уште ја разгледува документацијата и останува да анализира седум до осум претставки од вкупно околу 25 поднесени.

Министерот за здравство Азир Алиу вели дека комисијата ќе излезе со резултати кога ќе го заврши разгледувањето на сите случаи и најави прес-конференција по завршување на постапката.

Тој појасни дека засега немале официјална средба со членовите на Комисијата, и дека процесот се одвива бавно поради обемот на работа на експертите.

„Остануваат уште седум наоди за анализа. Експертите што работат на предметите се малубројни, а покрај оваа обврска, секојдневно извршуваат и редовни здравствени услуги во амбуланти и операциони сали. Затоа динамиката не зависи само од Министерството, туку и од нивниот распоред“, објасни министерот.

Во истрагата треба да бидат вклучени и тројца странски експерти од Словенија, Австрија и Италија, но сè уште не е познато кога тие ќе пристигнат.

На прашање дали приватните болници ги пријавуваат сите извршени интервенции, министерот потврди дека модулот за пријавување е активен и дека приватните установи веќе се поврзани со интегрираниот систем на Министерството.