Ева Ристовска, сестрата на трагично починатата Теодора Ристовска, јавно се обрати со апел за правда, посочувајќи на неправилности и одолговлекување во судскиот процес за сообраќајната несреќа што ја одзеде нејзината сестра во 2022 година.
Според неа, судскиот процес бил исполнет со одложувања, а првостепената пресуда од 3 години и 6 месеци затвор била намалена на 2 години откако обвинителството го сменило својот став во Апелациониот суд. Таа прашува зошто семејството не било известено за жалбената постапка и зошто обвинетиот, и по речиси три години од несреќата, сè уште не отслужил ниту еден ден од казната.
Дополнителен шок за семејството претставувала одлуката на Врховниот суд да ги укине сите претходни пресуди и случајот да го врати на повторно судење, за што семејството дознало преку медиумите.
Ристовска ги повикува сите медиуми да присуствуваат на следното рочиште на 4 март 2025 година во 10:00 часот во Основен суд Тетово, нагласувајќи дека само со јавен притисок може да се избори за правдата.