Се бара спојување на „Пулс“ со предметот на полицајците – „За да нема различни фактички состојби“

Во Основниот суд денеска продолжи судењето за случајот „Пулс“, при што одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи спојување на постапките поврзани со трагедијата.

Одбраната предложи судот да донесе одлука за спојување на оваа постапка со новиот предмет во кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници.

Според адвокатката, и во двата случаи станува збор за исто кривично дело и за настани поврзани со истиот случај, па спојувањето би спречило утврдување на различни фактички состојби во две одвоени судски постапки.

Пред судечкиот совет се обрати и адвокатот Петре Шилегов.

„Немаме два кривично правни настана, за да имаме две постапки. Спротивно е на ЗКП да се водат две постапки за ист настан. Време е да започне вистинско судење за овој кривично правен настна“, потенцираше Шилегов.

Одбраната посочи дека станува збор за исто кривично дело и дека оштетените се исти.

Обвинителите рекоа дека не се надлежни да постапуваат во предмети кои се водат во друго обвинителство

„Ова прашање е надминато на самиот почеток. Не зачудува фактот што одбраната често тука и во јавноста реагираат на обемноста на предметот и обвинетите, а сега бараат спојување“, рекоа кочанските обвинители.

Ако судот одлучи да се спојат двата предмети, тоа би значело дека судскиот процес ќе треба да започне отпочеток.