Македонија

„Се китевте со неговите перја“: СДСМ Карпош во одбрана на Богоев

„Се китевте со неговите перја“: СДСМ Карпош во одбрана на Богоев

Општинската организација на СДСМ Карпош јавно застана зад поранешниот градоначалник на општината и ексдиректор на Царинската управа, Стефан Богоев, откако во јавноста излегоа информации дека тој е опфатен во коруптивната истрага на Обвинителството и Финансиската полиција. Од партијата соопштија дека акцијата претставува политички мотивиран притисок врз опозицијата и чист обид да се пренасочи вниманието на јавноста од актуелните проблеми со кои се соочува Општина Карпош.

Во својата остра реакција, сопартијците на Богоев упатија порака дека политичката битка треба да се води ферски, а не со злоупотреба на моќта.

„Борба со опозиција не се прави на кукавички начин од страна на моќ. Стефан Богоев, другар со тебе сме“, порачаа од СДСМ Карпош.

„Се китите со неговите перја, а сакате да го покриете срамот“

Од општинската организација ги потсетија актуелните локални власти во Карпош дека дел од клучните проекти со кои тие се промовираат пред граѓаните, всушност, биле започнати токму во мандатот на Богоев, посочувајќи го покриениот базен во салата „Партизан“.

„Денес со проектот на Стефан Богоев за покриениот базен во салата Партизан во Карпош се китевте со неговите перја. Во немоќ да се справите со ветените обврски со кои дојдовте на власт во Карпош, за кои секој ден сте сѐ поголемо разочарување на вашето членство, како и на карпошани, сакате со замајување на јавноста да го покриете срамот за повлекувањето на градоначалникот“, се наведува во соопштението, со порака дека граѓаните на Карпош нема да дозволат да бидат потценети.

Според неофицијалните информации кои ги објави порталот „Скопје1.мк“, поранешниот потпретседател на СДСМ, Стефан Богоев, е меѓу лицата опфатени со истрагата за наводни злоупотреби поврзани со тендерска постапка во времето додека раководел со Царинската управа.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) претходно потврдија дека во тек е акција поради постоење основано сомнение за кривични дела од коруптивна природа, но нагласија дека во оваа фаза од постапката нема да откриваат конкретни детали во интерес на истрагата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни