Се намалува бројот на заболени од грип: Регистрирани 767 случаи во последната недела

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во земјава бележи намалување. Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во деветтата недела од 2026 година, од 23 февруари до 1 март, биле евидентирани вкупно 767 случаи.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, информира дека во споредба со претходната недела бројот на пријавени случаи е намален за 31,1 процент. Во однос на просекот од последните 15 сезони, регистрираната бројка е пониска за 20,4 проценти.

Според Андоновска, податоците укажуваат дека трендот на намалување на заболувањата продолжува и во последните недели.

„Во последните недели се забележува тренд на намалување на бројката и можеме да кажеме дека регистрираната инциденца е во рамки на ниската активност“, изјави таа на прес-конференција.

Здравствените власти сепак потсетуваат дека и покрај падот на бројките, потребно е граѓаните да продолжат да ги почитуваат основните препораки за заштита од респираторни инфекции, особено во периоди кога временските услови придонесуваат за полесно ширење на вирусите.