Се огласи ракометарката Валентина Радуловиќ, вели „тоа било само пријателска ургенција за пасош со новото име“!

Ракометарката Валентина Радуловиќ, двајца полициски службеници и еден пожарникар се соочуваат со кривични пријави откако МВР откри шема за незаконско издавање лични документи.

Според истрагата на Одделот за внатрешна контрола, групата во периодот од февруари до април 2024 година, среде најголемиот метеж за промена на документите, организирала паралелен систем за побрзо добивање пасоши, лични карти и возачки дозволи во замена за пари.

Истрагата тврди дека биле пронаоѓани граѓани на кои итно им требале документи, по што нивните податоци биле препраќани до полицаец во управните служби кој ги фотографирал и ги процесирал барањата надвор од редовните процедури и термини.

Радуловиќ: „Тоа беше само пријателска ургенција за пасош со новото име“

По објавувањето на пријавата, на социјалните мрежи се огласи Валентина Радуловиќ, која во документите на МВР се води како вработена во средно училиште. Таа категорично ги демантира обвинувањата за инволвираност во криминални дејствија.

„Категорично ги отфрлам обвинувањата. Моја лична порака до пријател вработен во МВР за ургенција за блиски лица на кои им беше итно потребен нов пасош со новото име, во време кога имаше застој во издавањето, е злоупотребена за моја наводна инволвираност. Мојата пријателска ургенција кон пријател за пријател не можев ни да замислам дека ќе биде злоупотребена во ваков контекст“, напиша Радуловиќ, нагласувајќи дека својата невиност ќе ја докаже пред институциите.

За што се теретат осомничените?

Според официјалното соопштение на МВР, поднесени се пријави за следните кривични дела:

  • М.С. (полицаец во СВР Скопје): Се терети за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Примање поткуп“, бидејќи како службено лице вршел фотографирање и прием на барања за паричен надомест.
  • П.П. (полицаец во Единица за интервентна полиција): Се терети за „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Примање поткуп“, како посредник кој го поттикнувал колегата да ги извршува дејствијата.
  • В.Р. (Валентина Радуловиќ, наставничка): Се терети за „Примање награда за противзаконито влијание“, под сомнение дека наоѓала граѓани и доставувала нивни податоци за побрзо изготвување на документите.
  • А.С. (пожарникар во Град Скопје): Се терети за „Примање награда за противзаконито влијание“ за слични дејствија како и третопријавената.

Според полицијата, групата имала јасно распределени улоги и за одреден паричен надомест го нарушила принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги.