По веста, првично објавена од „New Zealand Medical Journal“ за 13-годишно момче во Нов Зеланд кое итно било оперирано по голтање на 200 магнети, се огласи и онлајн платформата „Тему“.
Во оригиналниот извештај беше наведено дека момчето изјавило оти магнетите ги купило токму од оваа платформа. Како одговор на овие наводи, од „Тему“ испратија официјална изјава во која ги појаснуваат своите наоди.
„По објавувањето на извештајот, стапивме во контакт со New Zealand Medical Journal за да дознаеме повеќе за случајот. Според уредниците, 13-годишното дете изјавило дека магнетите биле купени од „Тему“, но тоа не успеавме самостојно да го потврдиме“, се вели во изјавата на компанијата.
Од „Тему“ додаваат дека, како мерка на претпазливост, веднаш извршиле внатрешна проверка.
„Ја прегледавме фотографијата на магнетите објавена во списанието и ги проверивме понудите на слични производи на нашата платформа. Магнетите што моментално се достапни се во согласност со прописите на Нов Зеланд, а такви производи се продаваат и преку други големи онлајн и физички трговци“, посочуваат од таму.
Компанијата ја истакнува и опасноста од овие производи доколку се користат неправилно, без разлика каде се купени.
„Иако овие производи се законски дозволени за продажба, тие можат да бидат опасни доколку се проголтаат, и ние целосно ги поддржуваме напорите за подигање на јавната свест за безбедноста при користење на магнети“, стои во реакцијата.
На крајот, од „Тему“ го појаснуваат и својот модел на работа: „Како посредничка платформа, „Тему“ бара од сите продавачи да ги почитуваат важечките закони и безбедносни стандарди и веднаш реагира за отстранување на сите понуди што не се во согласност со нив“.
Во оригиналниот случај, лекарите кои го оперирале момчето морале да отстранат дел од неговите црева поради штетата што ја предизвикале споените магнети.