Се огласија семејствата на жртвите од Пулс: Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе!

Денеска со соопштение до јавноста се јавија и семејствата на починатите лица од големата трагедија во кабарето Пулс во Кочани.

Ова следува откако Основниот кривичен суд од Скопје објави дека судењето започнува на 19 ноември.

Во овој пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

„Во врска со кривично-правниот предмет К.бр. 1872/25, поврзан со трагичната несреќа во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани, денеска добивме сознание дека главната расправа е закажана за 19 ноември 2025 година (среда), со почеток во 09:30 часот, во судницата при КПУ Идризово.

Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество.

Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.

Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.

Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, стои во соопштението на родителите и семејствата на починатите во трагичниот пожар од 16 март годинава, стои во соопштението од родителите и семејствата на настрадните во пожарот во Кочани“, велат родителите.