Од денеска Скопје воспоставува директна воздушна врска со Мадрид, преку новата линија што ќе ја опслужува нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“.
Првиот лет ќе се реализира попладне во 16:05 часот од Меѓународниот аеродром Скопје.
Новата линија Скопје–Мадрид ќе сообраќа три пати неделно — во вторник, петок и сабота.
Покрај тоа, од денеска повторно се воспоставуваат летови од Скопје до Ларнака, кои ќе се реализираат секој вторник и сабота.
Во текот на вчерашниот ден, Скопје доби нови воздушни врски со Стокхолм и Бари, додека аеродромот во Охрид повторно се поврза со Базел. Сите овие линии ги реализира „Виз ер“ со субвенции од Владата.