Се продаде ТВ Клан Македонија, новите сопственици ќе емитуваат програма од нова локација

Телевизијата Клан Македонија се продаде и веќе има нови сопственици, дознава 4NEWS.mk. Денеска кога извршивме увид, промените во Централен регистар сè уште не беа направени, но според наши информации се очекува до крајот на неделата да бидат направени измени во сопственичката структура.

Новите сопственици се од Косово, односно познатата Клан Косово сега ќе биде сопственик и на Клан Македонија. До сега Клан Албанија беше сопственик на македонската Клан.

Нов менаџер во Скопје ќе биде Фатон Шоши кој е и сопственик на порталот Индекс онлајн.

Според извори на 4NEWS.mk, телевизијата ќе ја промени и локацијата од каде што емитува програма, наместо во Сарај, нова локација на телевизијата ќе биде студио на Томато продукција односно местото каде порано беше сместена 1ТВ на Бојан Јовановски.

ТВ Клан Македонија досега беше дел од Клан Албанија во сопственост на бизнисменот Александар Франгај.

Телевизијата емитува вести, популарни ток-шоуа, документарни, спортски и забавни емисии преку кабелски оператор, на албански и македонски јазик. Групацијата Клан влезе на македонскиот медиумски пазар во 2018 година кога ја купи локалната ТВ станица „ТВ Арт“.

Во моментов телевизијата не емитува содржина на македонски јазик, а во последните месеци од 2023 година, телевизијата ја напуштија и голем број на новинари, уредници и технички кадар. Според наши информации, поради лоша финансиска состојба и доцнење на плати.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното