На 14 март ќе биде пуштен во употреба тунелот Муриз, дел од автопатот „Патот на Арбр“, што ќе овозможи патување од граничниот премин „Блато“ кај Дебар до Тирана за само еден час.
Вицепремиерката и министерка за инфраструктура на Албанија, Белинда Балуку, најави дека ќе продолжи изградбата на помошниот тунел за итни случаи, но главниот ќе биде отворен за сите возила.
Со завршувањето на овој тунел, автопатот од 74 километри станува целосно функционален, значително скратувајќи ја претходната маршрута од над 180 километри. Оваа патна врска ќе го олесни поврзувањето меѓу Албанија и Северна Македонија, ќе поттикне економски развој и туризам и ќе биде најкратката рута меѓу Тирана, Пешкопеја, Дебар, Тетово и Скопје.
Градежните работи на тунелот започнаа во 2019 година, но напредуваа бавно поради сложени геолошки услови. Тунелот е долг 3,78 километри и има две одделни траси – за редовен сообраќај и за итни случаи. Автопатот содржи вкупно седум тунели со должина од 8,5 километри и четири моста, од кои еден, со височина од 158 метри, е највисок на Балканот.
Откако автопатот беше делумно пуштен во ноември 2021 година, фреквенцијата на патници на граничниот премин „Блато“ значително се зголеми. Минатата година таму беа регистрирани над 834.000 патници, што е пораст од 120.000 во споредба со претходната година.