Алармантен пораст на новодојдени случаи на рак на грлото на матката бележи домашната онколошка статистика. Само во последната година, бројот на новодијагностицирани пациентки на Клиниката за онкологија се искачи од 74 на 122 лица, а границата на заболување се спушти на само 18-годишна возраст.
Овие податоци беа изнесени на настанот по повод Неделата за подигнување на свеста за борба против овој карцином, во организација на Македонското лекарско друштво.
Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на ГАК, посочи дека во периодот од 2016 до 2023 година се дијагностицирани вкупно 2.263 пациентки.
Како што вели, речиси 24% (540 жени) од заболените ја изгубиле битката со оваа болест, додека пак дури 80% од пациентките се јавуваат во напредна фаза на болеста, што го прави лекувањето поскапо и потешко.
Најмлади пациентки се регистрирани на само 18 години, додека средната возраст на заболување е 55 години.
Експертите апелираат за итно воведување на ХПВ базираниот скрининг како примарен метод, наместо досегашниот ПАП тест. Проф. д-р Горан Димитров нагласи дека ХПВ тестот е посензитивен, попрецизен и долгорочно заштедува средства.
„Подготвени сме за премин кон овој приод кој СЗО го препорачува за сите земји до 2030 година. Резултатите од пилот-студијата во 12 центри веќе ја потврдија неговата ефикасност“, истакна Димитров.
Националниот координатор за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, информираше дека со воведувањето на деветвалентната ХПВ вакцина и за момчињата, опфатот е зголемен на 60%.
Вакцината е бесплатна за сите деца до 19-годишна возраст, а освен од рак на грлото на матката, вакцината штити и од орофаренгиален карцином (рак на грлото).
Д-р Верди Станојевиќ од Цитолошката лабораторија на ГАК предупреди дека од 60.000 ПАП тестови во 2025 година, дури 2.500 биле позитивни. Загрижува фактот што кај осум жени е откриен инвазивен карцином директно преку ПАП тест, што укажува на тоа дека овие пациентки со години не биле на преглед.
Лекарите порачуваат: Ракот на грлото на матката е превентабилна болест. Со редовен скрининг и вакцинација, оваа болест може целосно да се искорени.

