Со поддршка од 81 пратеник, Собранието вчера ги изгласа измените на Законот за прекршоци, со што се отстрани и последната правна пречка за целосно функционирање на системот „Safe City“.
Системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци официјално започнува со работа на 1 февруари, најпрво во Скопје, Тетово и Куманово, со план набрзо да се прошири на целата територија на државата.
За измените гласаа пратениците на владејачкото мнозинство, додека СДСМ и ДУИ беа против.
Што ќе казнуваат „паметните“ камери?
Системот е поставен да детектира четири клучни прекршоци кои најчесто се причина за сообраќајни незгоди:
- Поминување на црвено светло;
- Надминување на дозволената брзина;
- Непрописно паркирање;
- Управување со нерегистрирано возило.
Новитет е што од казна нема да бидат поштедени ниту возилата со странски регистарски таблички.
Половина казна и пократка забрана за возење
Новото законско решение носи значителни олеснувања за оние кои навремено ќе ги подмират долговите:
- Преполовена сума: Казната се намалува за 50% ако се плати во рок од осум дена.
- Пократка забрана: Кај тешки прекршоци каде е предвидено одземање на возачка дозвола, со навремено плаќање, забраната ќе трае само половина од законскиот минимум.
Дигитална проверка на казната и нови шалтери
МВР најави дека наскоро ќе биде достапна мобилна апликација преку „Google Store“ и „App Store“. Преку неа, граѓаните ќе можат:
- Да проверуваат дали имаат регистриран прекршок;
- Да ги ажурираат своите контакт-податоци (е-маил и мобилен број);
- Да поднесуваат забелешки доколку сметаат дека има неточности во известувањата.
Додека апликацијата не стане функционална, граѓаните можат да ги ажурираат своите податоци во станиците за технички преглед или на посебниот шалтер во зградата на МРТ (секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот).
Агенцијата за заштита на личните податоци под вонредна супервизија
Поради зголемениот број иницијативи од граѓани кои стравуваат за својата приватност, Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) започна вонредна супервизија на „Safe City“. Фокусот е на тоа како ќе се чуваат снимките и дали базите на податоци се заштитени од злоупотреби.
„Супервизијата е во тек и по нејзиното завршување јавноста ќе биде информирана дали системот е целосно усогласен со законите пред да почне со казнување“, велат од Агенцијата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Иако институцијата дала насоки за усогласување во текот на имплементацијата, остануваат прашањата за тоа кој точно ќе има пристап до движењето на граѓаните.

