Секое трето дете во Македонија живее под националниот праг на сиромаштија, а околу 20.000 деца немаат пристап до ефективна здравствена заштита – покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ.
Загрижувачки се и бројките во образованието: помалку од 37% од децата на возраст меѓу 3 и 6 години посетуваат предучилишно образование, а половина од децата со попреченост не го продолжуваат образованието во средно.
Од УНИЦЕФ апелираат земјата итно да ја воведе Европската детска гаранција – механизам на ЕУ кој овозможува подобар и подостапен пристап до основни социјални услуги за најранливите категории деца.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, признава дека децата кои живеат во сиромаштија се соочуваат со бројни бариери, најмногу поради неприлагоденоста на системот на нивните реални потреби. Тој најавува дека се работи на усвојување на Национален акциски план за правата на децата, како и на проширување на капацитетите за предучилишно образование.
Дополнителна загриженост предизвикуваат податоците на СОС Детско село, според кои над 8.000 деца живеат во ризични услови – без еден или двајца родители, со невработени старатели или со минимална државна поддршка. Националната директорка Јулијана Гапо укажува дека е неопходно зголемување на бројот на згрижувачки семејства.
„Може ќе речете дека е доволно тоа што го правиме, но ако утре се отворат 100 нови згрижувачки семејства, тие ќе се наполнат за еден месец“, предупредува Гапо.
Во контекст на Меѓународниот ден на семејството, УНИЦЕФ спроведе истражување во 43 земји, кое покажа дека Холандија, Данска и Франција се најдобри земји за менталната благосостојба на децата, додека Мексико, Турција и Чиле се на дното на листата.