Бојан Клименков, другар на загинатиот Петар Иванов, бил келнер во „Пулс“, но таа вечер бил таму како гостин.
„Таму работев три сезони. Не бев осигуран. Додека работев, и претходно имаше пиротехника внатре. Не видов некој да дојде да ги запали, на копче се палеа. Се запали плафонот над левата прскалка. Сите почнаа да пискаат. Панчо на микрофон кажа: ’Деко, гори, гори!‘ Дојде сопственикот Дејан со ПП-апарат, проба да го изгасне пожарот, но не успеа. Потоа Андреј рече: ’Излегувајте надвор!‘“, изјави сведокот Бојан.
Тој ги наброја лицата кои помагале во спасувањето: Лазар Захариев, братот на сведокот Методиј Клименков, потоа Мартин Јосифов и Драган Петрушев. Кога бил извлечен надвор, рече дека се онесвестил, а потоа паднал во кома.
„Секогаш се знаеше кога доаѓа полициска инспекција за малолетници. Чекавме по еден час да си одат, па повторно влегувавме“, рече сведокот.
Судењето продолжува на 5 март.
