Секој трет граѓанин размислува за иселување од Македонија

Секој трет граѓанин, односно 35,2 проценти, размислува за иселување од Македонија, покажува најновото истражување на јавното мислење спроведено од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) за емисијата „Детектор“.

Според резултатите, најголема желба за заминување имаат граѓаните на возраст од 30 до 50 години со високо образование, при што секој втор од оваа категорија размислува да ја бара својата среќа надвор од државата.

Клучните причини за иселување се ниските плати, што го посочиле 15,9 проценти од испитаниците. По нив следат подобрите можности за децата, подобриот здравствен систем, поквалитетното образование и инфраструктурата.

Што се однесува до дестинациите, најпосакувана земја за иселување е Германија, која ја избрале 11,8 проценти од анкетираните. Следуваат Швајцарија со 6,9 проценти и Словенија со 5,2 проценти, додека скандинавските земји и САД се избор на нешто повеќе од три проценти од граѓаните.

Дека со сигурност ќе ја напуштат државата во следните пет години изјавиле 10 проценти од испитаниците.

Анкетата исто така покажува дека 64,9 проценти од граѓаните имаат блиски кои веќе се преселиле во странство, додека 70 проценти сметаат дека степенот на иселување се зголемува во однос на пред пет години.

Истражувањето за „Детектор“ го спроведе ИПИС преку телефонска анкета во периодот од 24 до 26 јануари оваа година, на репрезентативен примерок од 1033 испитаници од целата држава.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното