Во продолжението на судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство и малтретирање на својата сопруга и ќерка, денеска сведочеше Мартин Саздов, поранешен пријател на обвинетиот. Саздов изнесе нови и шокантни детали за однесувањето на Јовановски и страдањата на Ивана и Катја.
Сведокот истакна дека Стојанче се дрогирал уште откако го познавал, додека работеле заедно во пожарната, а дека Ивана и Катја страдале во негово присуство. Според Саздов, по еден инцидент кога Стојанче бил фатен со дрога од страна на полицијата, тој почнал да ги обвинува Ивана и Саздов дека „го наместиле со дрога“.
„Стојанче ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави експлицитни видеа од неа, за да ја посрамоти – од тоа на Ивана ѝ било многу страв,“ сведочеше Саздов.
Саздов објасни дека Ивана сакала да си го врати станот, зашто Катја си ја барала својата соба, а тоа бил имот за кој таа отплаќала кредит. Стојанче, како што рече сведокот, не придонесувал за домашниот буџет и ја експлоатирал економски Ивана, па таа била принудена да извади 40 илјади денари од својата кредитна картичка и да му ги даде.
„Катја и во училиште зборувала дека татко ѝ ја тепа мајка ѝ, па училиштето ја препратило Ивана на психолошко советувалиште. Многу се плашеше дека ќе ѝ ја земе Катја. Ми велеше: ‘Многу ја сакам Катја, таа ми е животот, се плашам да не ми ја земе Катја. Секоја вечер кога Стојанче ќе се враќел дома издрогиран ја тепал пред Катја,’“ раскажа Саздов.
Сведокот наведува дека постојано ја убедувал Ивана да си оди кај мајка ѝ, нудејќи ѝ помош за кирија, но таа не прифаќала поради желбата да го задржи имотот кој сама го отплаќала. „Ивана беше многу психички падната поради малтретирањето од Стојанче и истовремено многу исплашена. Отишла во психолошко советувалиште и почнала да пие антидепресиви,“ додаде Саздов.
Саздов раскажа и за финансиските притисоци што ги трпела Ивана:
„Ја прашав каде должи пари, прво не сакаше да ми каже, ја молев да каже каде должи. Почна да плаче и ми призна дека Стојанче ја натерал да извадат 40 илјади денари од нејзината кредитна картичка. Ѝ понудив да платам, не сакаше да земе, рече ќе си платам ќе се снајдам. Стојанче никако не придонесуваше кон Ивана и Катја. Ивана ми кажуваше дека се мачела сама, сама плаќала сметки за станот и кредит, дека кога Катја почнала да оди на училиште, сама купувале се за Катја, се мачела. Мене ми беше многу жал, отидов да ѝ купам на Катја тетратки и се што ѝ треба за прво одделение. Катја беше многу среќна.“
Саздов посочи дека Ивана му раскажала како Стојанче ја надгледувал и ја ограничувал во секојдневието: „Кога одела дома во тој стан, одела со страв само за да се пресоблече и да ја земе Катја.“
Судењето продолжува со цел да се утврди одговорноста на обвинетиот за злоставувањето и психичкото насилство врз Ивана и Катја, што го потресе целото општество.