Секојдневното пазарење станува луксуз – растат цените на зеленчукот, граѓаните револтирани!

Нов бран поскапувања ги погоди пазарите и маркетите во земјава, а најголем удар врз џебот на граѓаните доаѓа од цените на свежиот зеленчук. Производи што до неодамна беа секојдневие на трпезата, сега стануваат сè потешко достапни за дел од домаќинствата.

Во последните недели, цените на доматите, краставиците, пиперките и кромидот бележат значителен раст. Граѓаните реагираат дека секое пазарење чини повеќе од претходно, а за семејствата со пониски приходи ова претставува сериозен товар.

Особено внимание предизвика цената на свежите пиперки, која според објави на социјалните мрежи достигнува и до 290 денари за килограм, што предизвика лавина реакции и незадоволство кај јавноста.

Трговците објаснуваат дека поскапувањето е резултат на повеќе фактори – зголемени трошоци за производство, поскап транспорт, како и неповолни временски услови кои влијаеле врз приносите. Дополнително, растот на увозните цени уште повеќе го притиска домашниот пазар.

Експертите предупредуваат дека трендот на раст на цените би можел да продолжи и во наредниот период, особено доколку временските прилики останат нестабилни и не дојде до намалување на цените на енергенсите.

Во вакви услови, граѓаните сè почесто се принудени да прават компромиси во секојдневната исхрана, барајќи поевтини алтернативи или намалувајќи ги количините на купени производи.