Села: Без Бадентер во Уставниот суд нема договор за влез во Владата!

Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, реагираше на последните изјави од редовите на ВЛЕН, поврзани со можноста за негово и политичко учество на неговата партија во Владата.

Села порача дека секоја дискусија за евентуално приклучување во извршната власт мора да се темели на јасно дефинирани политички принципи и услови. Тој посебно нагласи дека за него и неговиот политички блок клучен приоритет останува почитувањето и практичната примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.

Се вчитува...

Според него, ова прашање е суштинско за обезбедување еднаквост и фер застапеност на немнозинските заедници во државата. Села додаде дека без исполнување на ваквите услови, не може да се зборува за било каков договор за учество во Владата, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик.

Од друга страна, еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, претходно изјави дека постојат комуникации и отворени разговори околу можноста Села да се приклучи на владината коалиција, оценувајќи дека „вратата е подотворена“.

Меџити додаде дека се „испитува пулсот“ за ваква политичка опција и најави дека во контекст на претстојни промени и реконструкција на Владата можно е да дојде до кадровски и ресорски промени во извршната власт.