„Знам дека со ова јас нема да ја вратам назад помеѓу живите, помеѓу нас, но ова го ветив – ќе одам до крај, поради тие две мали деца што ми ги остави во аманет…“ – изјави за Канал 5 Ирена Димовска, золва на починатата 37-годишна Елена Ѓорѓиевска од Скопје.
Како што пренесува Канал 5, младата жена, која боледувала од Кронова болест, била подложена на две операции во Државната клиника за дигестивна хирургија, а починала пред една недела – на истиот ден кога била испуштена од болница.
Семејството обвинува дека лекарска грешка и негрижа ја довеле Елена до смрт, откако со недели била на болничко лекување. Според блиските, дури и првичната проценка за оперативниот зафат била погрешна, а дополнителен проблем настанал кога хирургот кој ја извршил првата операција заминал на патување во САД, без да ја делегира понатамошната одговорност на друг специјалист. Грижата за пациентката, велат тие, им била препуштена на специјализанти.
„Вината се гледа во докторската грешка – од почеток до крај. Не е во ред. Колку пациенти беа оперирани од таа болест и си заминаа здрави, само Елена не“ – велат од семејството.
Според телевизијата, семејството ја доставило целата медицинска документација – без отпусното писмо – до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, од кој очекуваат целосна истрага.
Од Инспекторатот за Канал 5 потврдиле дека ја добиле пријавата и најавиле вонреден инспекциски надзор.
Во телефонски разговор за истата телевизија, директорот на Дигестивната клиника, Огнен Костовски, изјавил дека е запознаен со случајот и дека ќе биде формирана внатрешна комисија за да се испита стручноста на постапувањето.