Радовишката депонија и понатаму е зафатена од пожар кој трае веќе петти ден по ред, а надлежните служби и покрај постојаните интервенции сè уште работат на негово целосно локализирање. На терен е ангажирана тешка механизација која врши насипување со земја со цел да се спречи понатамошно ширење на огнот.
Поради сериозноста на состојбата, градоначалникот на Радовиш и командант на Кризниот штаб, Љупче Почивалец, во координација со Центарот за јавно здравје – Штип, упати итен апел до граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено и да го ограничат движењето во периодите кога чадот е најинтензивен.
Во соопштението се препорачува прозорците и вратите во домовите и работните простории да останат затворени, а клима-уредите и вентилационите системи што внесуваат надворешен воздух да се исклучат. Граѓаните се советуваат да престојуваат во затворени простории и да користат заштитни маски од типот FFP2, FFP3 или N95.
Посебни препораки се однесуваат на децата, бремените жени, постарите лица и хронично болните, за кои се советува максимална заштита и избегнување активности на отворено. Се препорачува да не се дозволува престој на деца во дворови на училишта и градинки, како и избегнување спортски активности на отворено.
До работодавачите се упатува апел, каде што е можно, да овозможат работа од дома или ослободување од работа за ранливите категории. Во случај на симптоми како отежнато дишење, кашлица, иритација на очите или вртоглавица, се препорачува итно барање медицинска помош.
Од Општина Радовиш информираат дека сите служби се постојано на терен и преземаат мерки за локализирање и гаснење на пожарот, со апел за смиреност, одговорност и почитување на сите препораки и евентуални наредби од надлежните институции.