Сведокот Дејан Манасиев, поранешен шанкер во дискотеката „Пулс“, пред судот изјави дека не се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетите, но ќе бара оштетно побарување. Тој сведочеше дека и по 10 месеци од трагедијата има сериозни здравствени последици, со сатурација која повторно му паднала на 65 проценти.
Манасиев наведе дека работел во дискотеката од 2012 година, без потпишан договор и без обука за заштита при работа. Според него, таа вечер во објектот имало околу 500 луѓе, а огнот се ширел многу брзо.
Тој изјави дека по пожарот бил хоспитализиран во Штип, Скопје и во Грац, Австрија, поради проблеми со дишењето. Според сведочењето, дел од вработените кои биле присутни таа вечер не преживеале.
