На денешното рочиште за случајот со пожарот во Кочани, адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на поранешниот пазарен инспектор Миле Ампов, остро ја критикуваше работата на Обвинителството и, како што рече, ширењето неточни информации за институционалната одговорност и статусот на објектот.
Шехтански посочи дека Обвинителството не реагирало навреме на првичните сознанија за можни неправилности во објектот: „Ако постоел допрен глас за незаконитости, вие требало први да дејствувате. Да имавте реагирано, трагедијата на 16 март немаше да се случи.“ Тој додаде дека ваквите пропусти создаваат стигма врз обвинетите и нивните семејства.
Во однос на правниот статус на објектите, одбраната нагласи дека „Класик“ и неговата подружница „Кабаре Пулс“ не се исто правно лице со „Клуб Пулс“, каде што избувна пожарот. Ампов, како што беше истакнато, до 2022 година утврдувал дека „Класик“ и „Кабаре Пулс“ не ги исполнувале условите за работа, но дека објектот каде што се случила трагедијата не е меѓу тие субјекти.
Шехтански потсети дека неговиот клиент во 2024 година бил веќе пензиониран и не можел да врши инспекциски надзор. „Нема систем, има конкретни имиња. Обвинителниот акт не е јавно достапен, а се пласираат погрешни информации. ‘Класик’ постои до февруари 2024 година, а објектот каде што се случи трагедијата е ‘Клуб Пулс’, без лиценца,“ рече тој.