Опасноста од пожари на отворено сè уште не е завршена. Од вчера се регистрирани повеќе од 30 пожари, од кои најголем дел биле со сложено гаснење, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Благодарение на брзата и пожртвувана реакција на локалните пожарникари и на сите други субјекти вклучени во гаснењето, најголем дел од пожарите се изгаснати“, изјави Ангелов.
Во моментов активни се шест пожари, а меѓу посложените е пожарот во Рамно, на територијата на општина Чучер Сандево. Пожарот зафаќа непристапен терен и на места гори ниска шума и шумска подлога.
„Ова е комплексен пожар за гаснење бидејќи зафатената површина е голема, а теренот е исклучително непристапен“, рече Ангелов.
На терен се ангажирани скопските пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, како и припадници на Армијата. Во гаснењето помага и полициски хеликоптер, кој дејствува на критичните точки.
Ангелов предупреди и на силниот ветер што дува во поширокиот скопски регион и може дополнително да го отежне гаснењето и да придонесе за ширење на огнот.
Од останатите активни пожари, тој ги посочи пожарите во подрачјето на Грачани и Никиштани, пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, кај селото Селци и околните населени места, како и пожарите кај Тајмиште во општина Кичево и Беличица на територијата на општина Македонски Брод.
За пожарот во подрачјето на Струга и Дебар, Ангелов оцени дека засега нема опасност за населението.
„Верувам дека нема опасност за населението. Од денеска очекувам да биде ставен под контрола“, рече тој.
Ангелов упати апел до населението, особено до жителите во руралните средини, да бидат исклучително внимателни поради најавените високи температури и силниот ветер.
„Денеска се очекуваат високи температури, но и силен ветер. Очекувам жителите да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволно е малку за да настане вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов.