Во периодот од 6 до 12 јануари, во земјава се регистрирани шест нови случаи на Ковид-19, според најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Новите случаи се евидентирани во Куманово и Струмица (по два случаи), како и по еден случај во Скопје и Кичево.
Пет од заболените лица се на возраст над 60 години, а еден случај припаѓа на возрасната група од 40 до 49 години. Со овие нови случаи, вкупниот број на регистрирани заболени во 2025 година, заклучно со 12 јануари, изнесува 11 лица.
Според ИЈЗ, ниската стапка на трансмисија на Сарс-ков-2, малата фреквенција на тестирања и ограниченото известување преку сентинел системите го отежнуваат прецизното оценување на епидемиолошката ситуација.
„Севкупно, населението на ЕУ/ЕЕА има висок степен на хибриден имунитет – комбинација од претходна инфекција и вакцинација со бустер дози, што обезбедува значителна заштита од тешка форма на болест. Но, лицата над 60 години остануваат најизложени на ризик од сериозни компликации,“ наведуваат од Институтот.
И покрај тоа што бројот на случаи останува низок, циркулацијата на респираторни вируси во тековниот зимски период ја зголемува можноста за раст на активноста на Сарс-ков-2.
„Потребен е континуиран епидемиолошки и вирусолошки надзор на национално и регионално ниво,“ истакнуваат од ИЈЗ.
Институтот повторно апелира за почитување на основните мерки за превенција од Ковид-19 и други респираторни инфекции, како и за вакцинација на лицата со висок ризик од тешки форми на болест. „Иако заштитниот ефект на вакцините со време слабее, тие остануваат најсигурна мерка за превенција од сериозни компликации,“ додаваат од ИЈЗ.