Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера на улицата „Киро Ристевски Дрнц“ во Тетово, при која шестгодишно дете се здобило со сериозни повреди.
Од СВР Тетово информираат дека во 09:50 часот од Ургентниот центар Тетово било пријавено дека кај нив било донесено малолетно дете со повреди и во тешка здравствена состојба.
Поради сериозноста на повредите, детето било пренесено на понатамошно лекување во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Според полициските информации, несреќата се случила околу 08:30 часот. 42-годишниот В.С. од Тетово, управувајќи патничко возило „фолксваген туарег“ без регистарски ознаки и движејќи се наназад, со задното тркало го прегазил својот шестгодишен син.
На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на СВР Тетово.
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.