Шилегов: Постапката за мое исклучување потврдува дека раководството на СДСМ работи за ВМРО-ДПМНЕ

Нови тензии се отворија во редовите на Социјалдемократски сојуз на Македонија, откако поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов остро реагираше на одлуката на Извршниот одбор на партијата да покрене постапка за негово исклучување.

Шилегов изјави дека со оваа одлука се потврдиле неговите претходни тврдења дека актуелното раководство на партијата работи во интерес на ВМРО-ДПМНЕ, а не во интерес на членството на СДСМ. Според него, постои договор со кој партијата намерно се држи во слаба позиција за да ѝ се овозможи на владејачката партија да освои два мандати, а за возврат раководството да избегне евентуални истраги и кривични постапки.

Изјавата Шилегов ја даде за време на паузата од судското рочиште за случајот „Пулс“, каде што тој се појавува како бранител на обвинетиот Шофкет Хазари.

Тој посочи дека според статутот на партијата, исклучување на член може да донесе општинската организација во која припаѓа, а не централното раководство. Во таа насока го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, доколку сака да ја продолжи постапката, да дојде во општинската организација во Карпош и да разговара со членството.

Шилегов нагласи дека нема да дозволи, како што рече, неговата политичка работа и придонес за партијата да бидат дискредитирани од раководство кое, според него, е избрано спротивно на статутот.

Од друга страна, Филипче денеска на прес-конференција во седиштето на СДСМ изјави дека одлуката за иницирање на постапката за исклучување на Шилегов била донесена со консензус во Извршниот одбор. Според него, по направените проверки и информации, партијата заклучила дека станува збор за процес кој работи во корист на ВМРО-ДПМНЕ и претставува обид за внатрешна поделба на СДСМ.