„Ова не заслужува да се носи името ’обвинителен акт‘, туку за жал, морам да кажам, тоа е правно-аналфабетски памфлет.“
Со овие тешки зборови, адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шовкет Хазари (поранешен Државен советник во Министерство за економија), го нападна квалитетот на обвинението. Иако призна дека се наоѓаат во „најтешкиот предмет во историјата на македонското правосудство“ и дека „не постои пресуда која може да ги врати жртвите“, тој инсистираше дека правдата не смее да се базира на невозможни конструкции.
Шилегов ја деконструираше тезата за „умисла“ преку временската дистанца. „Обвинителството не убедува дека Шовкет Хазари во периодот од 2013 до 2019 година се согласил дека на 16.03.2025 ќе има пожар во ноќниот клуб. Не е возможно некој со проверка на документ пред 12 години да се согласи со пожар предизвикан од пиротехника денес,“ истакна Шилегов.
Адвокатот направи семантичка анализа на обвинението. Тој посочи дека Хазари се товари дека „проверил“ или дал „согласност“ за лиценците. „Се обидов во описот на кривичното дело од чл. 288 (Предизвикување општа опасност) да ги најдам зборовите ’проверена‘ и ’согласност‘. Тие зборови таму не постојат. Таму пишува: тој што со пожар, експлозија, отров… ќе предизвика опасност. Нејасно е како проверка на правен акт предизвикува пожар,“ заклучи Шилегов.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ШОВКЕТ ХАЗАРИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Шовкет Хазари (67), сега пензионер, а поранешен Државен советник за туризам и угостителство во Министерството за економија, се товари за „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари дека:
- Како високо позициониран службеник, вршел проверка и давал согласност за издавање на спорните лиценци за „Пулс“ во повеќе наврати (2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018) .
- Се товари дека знаел или требало да знае дека документацијата е нецелосна (непополнети рубриќи за хигиена и излези) и дека локацијата не одговара на фактичката состојба, но сепак ги одобрувал лиценците со кои објектот работел легално, иако бил небезбеден.