Шок поради новата мутација на смртоносниот вирус, сега е многу позаразен: Алармантно предупредување!

Здравствените власти алармираат поради новата мутирана варијанта на вирусот на мајмунски сипаници, за која се верува дека предизвика нов бран случаи.

Неодамна откриената варијанта на вирусот, која предизвикува осип, сега се шири во Демократска Република Конго (ДРК), велат експертите, пишува Дејли Меил.

Мутираната варијанта е потомок на посмртоносниот вид „1a mpox“, некогаш познат како мајмунски сипаници, кој се проценува дека убива до 10 отсто од заразените, многу повеќе од другите варијанти кои се шират во последните месеци.

Официјалните лица се загрижени затоа што новата варијанта на вирусот носи мутација позната како „APOBEC3“, што го прави попренослив од неговиот претходник. Научниците велат дека истата мутација веќе е забележана кај видот „1b mpox“, кој се проширил подалеку од Африка во Велика Британија, Европа и Азија во текот на изминатата година.

Експертите предупредуваат дека е потребна брза акција на меѓународната заедница за да се спречи потенцијална поширока епидемија на новата варијанта надвор од ДР Конго. Според најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО), само во 2025 година во ДР Конго се регистрирани повеќе од 2.063 случаи на „мпкса“, вклучувајќи четири смртни случаи.

Сепак, не е јасно колку точно смртни случаи предизвика новата мутирана варијанта на видот „1а“, бидејќи постарите верзии сè уште циркулираат.

„Видовме нова варијанта на видот 1а со APOBEC3 што е откриена, и за разлика од стариот вид 1а, овој има висок потенцијал за поголема преносливост“, рече д-р Нгаши Нгонго, шеф на тимот за управување со инциденти на mpox во Центарот за превенција и контрола на болести за Африка.

Поголемиот дел од инфекциите со вид 1а се поврзани со трансфери од животни, со ограничен пренос на луѓе во блиски контакти, како што се домаќинствата.

„Сегашното разбирање е дека видот 1 води до посериозни болести и смрт од видот 2 кај популациите каде што е ендемичен“, според СЗО.

Видот 1а има стапка на смртност која варира од 1,4 проценти до повеќе од 10 проценти, многу повисока од 0,1 проценти до 3,6 проценти пријавени за вид 2. Истражувањето објавено во јануари во New England Journal of Medicine сугерира дека стапката на смртност за видот 1б е околу 3,3 проценти.

Меѓутоа, д-р Лоренцо Субиси, виролог од програмата на СЗО за здравствени итни случаи, изјави за The Telegraph дека досега не се забележани високи стапки на смртност кај новата варијанта на видот „1а“.

„Иако оваа варијанта може да се прошири надвор од Конго, стапката на смртност во Киншаса, каде што новиот вид 1а коегзистира со видот 1б, останува помала од еден процент, што е многу пониско од историските проценки за стапката на смртност на видот 1а“, изјави Субиси.

Стапката на смртност во голема мера ќе зависи од основната здравствена состојба на погоденото население, како што е неухранетоста. Откритието на новата мутирана варијанта на видот mpox предизвика загриженост, додека СЗО ја продолжи својата декларација за тековната епидемија како „итна јавноздравствена опасност од меѓународно значење“.

Оваа ознака, истата што агенцијата на ОН ја даде за коронавирусот кон крајот на јануари 2020 година, само неколку недели пред вирусот да го зафати целиот свет, беше воведена минатиот август поради зголемувањето на случаите од видот „1б“.

Едногласната одлука на Комитетот за итни случаи на СЗО беше „заснована на континуираниот пораст на бројот на случаи и географското ширење, насилството во источниот дел на ДР Конго, што го отежнува здравствениот одговор, како и недостатокот на средства за спроведување на планот за одговор“, се наведува во соопштението.

Д-р Нгонго изјави дека неколку африкански земји продолжуваат да пријавуваат зголемување на бројот на заболени случаи, додека вооружените конфликти во ДР Конго го зголемуваат ризикот од ширење на вирусот. Сојот 1б се прошири и надвор од Африка, со случаи регистрирани во земји како што се Велика Британија, САД, Шведска, Тајланд, Индија и Германија.

Досега во Велика Британија се забележани девет случаи на видот 1б. Вирусот го зафати централниот дел на Африка, каде што од почетокот на епидемијата починале најмалку 1.000 луѓе. Mpox предизвикува карактеристични отечени лезии, како и треска, болки во телото, замор и исцрпеност. Во мал број случаи, може да навлезе во крвотокот и белите дробови, како и во други делови од телото, и да доведе до смртен исход кај пациентот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното