Додека Путин ги имаше уздите во свои раце, тој тероризираше милиони. Но, ако му биде одземена моќта, светот би можел да го снајде поинаков вид на хаос: политички убоди од грб, регионални лидери да бидат пуштени од јадица и да посегнат по нуклеарни арсенали.
Засега не се зборува многу во јавноста за светот по Путин, но западните земји и воените аналитичари многу размислуваат за можните последици од тоа сценарио.
Кога минатата недела генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше прашан како Алијансата се подготвува за можното заминување на рускиот лидер, тој рече дека не сака „премногу да шпекулира за политичката ситуација во самата Русија“.
„Без разлика што покажуваат различните анализи, она што ние во НАТО треба да го направиме е да бидеме подготвени за сите опции и за понатамошна поддршка на Украина“, рече Столтенберг.
Имајќи предвид дека експертите се согласуваат во едно – дека заминувањето на Путин нема да биде едноставна работа, се поставува прашањето колку Западот треба или може да влијае на редоследот на настаните. Што да се прави ако Русија се распадне и каков треба да биде односот со наследникот на Путин?
„Не треба да имаме никакви илузии дека демократијата ќе дојде веднаш. Мислам дека веројатно ќе дојде време на неволја“, рече Лори Бристоу, поранешната британска амбасадорка во Русија.
Борбата за власт
Засега Путин е во безбедна позиција; тој сè уште го контролира државниот апарат, а војската ги извршува неговите убиствени наредби во Украина. Но, ситуацијата на домашната политичка сцена не е идеална. Неефикасноста на руската војска на фронтот фрли сенка на неговата репутација и ја продлабочи неизвесноста за тоа кој и како ќе ја преземе власта.
„Стабилното политичко наследство, за кое Путин верува дека ќе дојде кога ќе му одговара, бара висок степен на консензус на елитата. И сега тој консензус е скршен“, рече Бристоу.
Вилијам Алберк, поранешен директор на Центарот за контрола на оружјето на НАТО, се согласува со Бристоу.
„Ова многу брзо може да личи на Шекспир. Помислете на кралот Лир. Или борба во Римската империја или Игра на тронови“, рече Алберке.
Нуклеарно оружје
Русија има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот; има илјадници боеви глави кои можат да предизвикаат масовно уништување и смрт. Овој арсенал долго време е извор на силата на Русија на светската сцена и доминантен дел од нејзиниот глобален имиџ.
Доколку дојде до период на борба за моќ, овој арсенал би можел да стане посакуваниот симбол на моќта. Односно, во фокусот би можела да дојде 12-та главна администрација на руското Министерство за одбрана, која е одговорна за нуклеарниот арсенал на земјата.
„Постои реална можност за смртоносен натпревар, обид да се соберат различни делови од војската; особено 12-тата администрација“, смета Алберке.
Одметнати региони
Русија е најголемата земја во светот, која опфаќа 11 временски зони и од Кавказ до Арктикот. Иако се чини дека Путин има деспотска контрола на целата оваа пространство, има голем број руски републики кои немаат толку добри односи со Москва.
Нестабилноста во центарот на моќта може да им послужи на локалните лидери да преземат поголема контрола. Иако повеќето аналитичари веруваат дека Руската Федерација ќе ја преживее ерата на Путин, тие признаваат дека руската влада долго време се плаши од фрагментација.
Во случај на фракционерски борби, сите очи ќе бидат насочени кон Рамзан Кадиров, бруталниот лидер на Чеченската Република, пишува Politico.
„Можеби ќе му е доста од една деценија огромни руски субвенции и ќе му падне на памет дека може да има своја империја; независно да владее со Чеченија и Дагестан“, рече Алберке.
Александар Вершбоу, поранешниот американски амбасадор во Русија, рече дека постои мала веројатност за распад, но дека сепаратистичките лидери во Руската Федерација би можеле да ја искористат анексијата на украинските региони од Путин како преседан и да кажат: „Сега може да се разговара за границите“.
Подобри односи со Русија?
Откако ќе дојде нова владејачка гарнитура на чело на Русија, западните влади ќе започнат интензивни политички дискусии. Бидејќи повеќе нема да има Путин, некои функционери од Западна Европа би можеле да започнат со реторика за создавање нови односи со Москва.
На почетокот на претседателствувањето на Барак Обама, САД и понудија на Русија „нов дипломатски почеток“, но односите само се влошија после тоа.
Германија со години го проповедаше евангелието за економска соработка со Русија, за да ја смени својата позиција по инвазијата на Украина. Меѓутоа, ако повеќе го нема Путин, таа повторно би можела да предложи да се работи на дипломатските односи со новиот лидер.
Веројатно дел од НАТО ќе го осуди таквиот потег, тврдејќи дека „Русија никогаш нема да се промени“.
„Империјална Русија е иста како што беше за време на Комунистичката партија, иста како и за време на Путин. Нашиот став е – изолација на Русија“, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
Иако засега нема наследник на Путин на повидок, официјални лица од различни земји веруваат дека ќе се појави режим со слична или уште поекстремна идеологија. Една голема разлика овој пат е што Европа сега е помалку економски зависна од Москва.