Што се случува денеска со единствениот преживеан од авионска несреќа со стотици жртви?

Статистиката покажува дека шансата човек да загине во авионска несреќа е речиси минимална. Но, шансата да преживее, ако несреќата се случи, е уште помала. А ако сепак преживее – тоа е вистинско чудо. Зашто тоа е средба со самата граница помеѓу животот и смртта, место каде човек, за една единствена секунда, сфаќа како сè околу него се распаѓа. Потоа останува прашањето на кое никогаш нема да најде одговор: „Зошто токму јас преживеав?“

И често чувството дека си жив, додека сите други не се, не е повод за радост. Ниту за олеснување. Тоа е тежина – длабока, невидлива и постојана.

Вишваш Кумар Рамеш, 39-годишен британски граѓанин, е единствениот преживеан од авионската несреќа на Air India во почетокот на јуни во индискиот град Ахмедабад, при која загинаа 241 лице. Несреќата остави кај него постојани ретроспекции и кошмари, особено затоа што го загуби својот брат Аџај (35).

„Бог ми подари живот, но ми го одзеде нормалниот живот, како и животот на моето семејство“, изјави тој за агенцијата PA.

„Оваа трагедија целосно ги уништи моите најблиски – мајка ми, татко ми и помалиот брат… многу е тешко и за мене, и за нив.“

Рамеш додава дека споменот на катастрофата е сè уште многу болен и заматен. Не може јасно да се сети што точно се случило или која му била првата мисла.

„Имам постојани кошмари поради кои не можам да заспијам. Спијам три-четири часа на ден. Да, вистинско чудо е што преживеав, но вистината е дека сум сосема разнишан“, додава тој.

Неговите денови се исполнети со осаменост и борба со себе: „Стојам сам во собата. Не ми се зборува со никого. Само седам на креветот и размислувам. Секој ден се борам со себе.“

Покрај психичките, има и физички последици – болки во нозете, колената и грбот, не може да работи ниту да вози, па мора да му помага сопругата.

Денот на ужасната несреќа: на 12 јуни, авион на Air India, лет за Лондон, се урна малку по поаѓањето од аеродромот во Ахмедабад. Сите на борд загинаа, освен Рамеш. Меѓу загинатите имало 169 индиски и 52 британски државјани, а на земјата загинале уште 19 лица, додека 67 биле тешко повредени.

По чудотворното спасување, Рамеш бил хоспитализиран во Индија. Специјалистите го сметаат фактот дека преживеал за исклучително редок. Лично го посетил и премиерот на Индија, Нарендра Моди.

Сè уште тече истрага за причините на несреќата, но првичниот извештај покажува дека доводот на гориво до моторите бил прекинат само неколку секунди по поаѓањето, пренесува Guardian.