Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна, a секаде се одбележува овој празник.
Прочка дури може да се нарече и наш празник односно празник на македонскиот народ затоа што овој народ најмногу низ минатото проштевал и се уште проштева.
Но, што треба верниците денеска да направат?
Традицијата вели дека помладиот бара прошка од постариот.
Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Се работи за духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца.
Вечерата завршува со амкање јајца за децата.
Се работи за интересен обичај, кој особено на децата им причинува голема радост.
Се изведува на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен, во други места памучен), кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без притоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.
А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.
Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал.
Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.
