Свет

Штрајкот низ целата земја ја парализира Франција

Штрајкот низ целата земја ја парализира Франција

Синдикатите во Франција денеска организираат национален штрајк и протести против планираната пензиска реформа, со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за две години на 64 години, јавуваат Ројтерс и БТА.

Возовите ќе застанат, училиштата ќе бидат затворени и деловните активности ќе бидат во прекин поради штрајкот.

Анкетите покажуваат дека француските гласачи со големо мнозинство ја отфрлаат реформата за која владата вели дека е од витално значење за спас на пензискиот систем од банкрот.

Во прашање е реформскиот авторитет на Макрон, и дома и меѓу неговите колеги од ЕУ, како и одржувањето на контролата врз јавната потрошувачка, забележува Ројтерс.

Поместувањето на старосната граница за пензија за две години ќе донесе дополнителни 17,7 милијарди евра годишни пензиски придонеси, што ќе овозможи системот да се стабилизира до 2027 година, според пресметките на Министерството за труд. Синдикатите велат дека има и други начини да се обезбеди одржливост на пензискиот систем.

Владиниот портпарол Оливие Веран ги повика работниците да не ја парализираат земјата и рече дека владата е мирна и одлучна.

Синдикатите рекоа дека ова е само почеток и дека ќе следат уште штрајкови и протести.

Реформата допрва треба да биде усвоена од парламентот, каде Макрон го загуби апсолутното мнозинство, но се надева дека ќе ги протурка промените со поддршка на конзервативците.

Во меѓувреме, Макрон и неколку негови министри денеска ќе престојуваат во Барселона на средба со шпанската влада.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни