
Дијалог за спорот и ветото со Бугарија има, и имало во последните неколку месеци. Ова го тврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Како што вели, заедно со премиерот Мицкоски се целосно ангажирани за презентација на нивните тези за одблокирање на евроинтегративниот пат пред лидерите на земјите членки на ЕУ. Муцунски вели дека треба да има јасен пат од лидерите на ЕУ и стратешките партнери за тоа како ќе се движат преговорите, односно што треба Македонија да направи, а што Еврпската унија.
„Дали е ова последната остапка која се очекува од нас. Дали сме сигурни дека доколку се случат уставните измени, понатаму нема да бидеме предмет на ново потенцијално вето, повторно создадено врз основа на билатерални прашања. Јас лично сум убеден, дека не само целокупниот политички естаблишмент, туку сите граѓани на оваа држава, немаат веќе капацитет за нови билатерални отстапки. Во 30 години безбројни се тие отстапки“, рече Муцунски.
Прашан дали Франција и Германија работат на т.н. креативно решение со гаранции за деблокада на евроинтегративниот пат, евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас вчера одговори дека во моментов постојат многу дипломатски активности по ова прашање. Според Рокас, процесот на проширување е врвен приоритет и на новото раководство на Унијата.
„Во овој момент новото лидерство вложува многу напори за да ја забрза земјата и ние како ЕУ-делегација тука сме да помогнеме да се имплементираат сите неопходни реформи за да дојдеме до крајот, да одиме побрзо и да го искористиме моментот на можности. Затоа било која, да ја наречам, поддршка или одреден проширен дипломатски напор за да се продолжи напред што е можно побрзо, е многу добредојден.“, изјави Рокас.
Инаку, во вторник Муцунски и Мицкоски патуваат во Брисел, каде ќе бидат до четврток. Премиерот вели дека пораките на ЕУ не се јасни, и дека добива впечаток дека Македонија и Западен Балкан не се во фокусот на новата администрација на Брисел..
„Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности, ќе си ја вршиме домашната задача, ако се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот во ред, во секое време сме подготвени позитивно да одговориме на таквото барање, во спротивно можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во во фокусот на оваа админситрација на Брисел“, вели Мицкоски.
Мицкоски додава дека се спроведуваат реформите според агендата на ЕУ, додавајќи дека Македонија е заложник на политичари кои што се уште се заглавени во средниот век, секако алудирајќи на оние од Бугарија.