Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Таа истакна дека овој празник е потсетник на храброста и пожртвуваноста на генерациите кои ја извојуваа слободата и ја создадоа македонската држава.
„На денешниов голем празник, уште еднаш им оддаваме почит на оние кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани“, порача Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека востаниците со својата борба и жртва ја оствариле визијата за слободна и независна Македонија, и покажале дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.
Претседателката потсети дека антифашистичката борба на македонскиот народ претставува доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се длабоко вкоренети во македонската традиција и идентитет.
„Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври не е само потсетување на славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир“, рече Сиљановска-Давкова.
Во својата честитка, таа се осврна и на современите предизвици, предупредувајќи дека „живееме во време на војни, неправди и закани, кое бара илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки“.
„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија“, порача таа.
Во чест на празникот, Сиљановска-Давкова заврши со зборовите:
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“
Читај и ова:
- 1.Ја исклучувате ли климата?
- 2.Менди Ќира: Ќе изградиме нови патишта, пристаниште и фестивал „Струшко лето“ – имам договор со народот
- 3.По објавата на Трамп, криптовалутите се урнаа како никогаш досега
- 4.Хороскопски знаци кои никогаш не ги исполнуваат своите ветувања
- 5.Филипче го честиташе 11 Октомври: Аманетот од хероите на НОБ е да ја продолжиме борбата за правдата и слободата, за нашиот дом